Вардар уште еднаш му покажа на Еурофарм Пелистер кој е шампион во македонското ракометно првенство, откако убедливо со 31:24 го победи во големото дерби од Суперлигата и сега Црвено-црните се лидери на табелата со 18 бодови, додека битолчани заостануваат три бода и се втори.
На теренот во „Јане Сандански“ борбата беше фајтерска, машка, а на крајот Вардар стигна до победа која може многу да значи во трката да го одбрани тронот. Освен на теренот, посебно возбудливо беше и на трибините на ова дерби.
„Комити“ и „Чкембари“ направија атмосфера каква што ретко каде има на ракометен меч. Најпрво домашните фанови имаа свое шоу. Ечеше песна за Вардар, ечеа трите трибини на кои беа домашните фанови.
Пелистер добро парираше па битолчани во еден дел од првото полувреме имаа и водство, што ги донесе и првите тензии. Од трибините беше фрлен предмет кој го удри голманот на гостите, па тука се случи првиот помал прекин.
Потоа од друг дел од трибините на паркетот долета и мобилен телефон, а голманот на Вардар брзо реагираше и го тргна.
Потоа дојдоа минутите за гостинските навивачи. само што влегоа во салата, Чкембарите направија хаос. Почнаа да фрлаат со факели и петарди, што беше знак за реакција од спротивната страна. Дел од Комитите втрчаа на терен, со цел да стигнат до ривалската група, но тоа не се случи.
Комплетната слика од хаосот во овој дел од мечот, може да го видите ТУКА.
На теренот, Вардар доминираше и постојано ја зголемуваше предноста. Двете навивачки групи беа „вооружени“ со повеќе пароли кои ги истакнаа на трибините. Посебно внимание доби паролата на Чкембари со која искажаа почит кон неодамна починатите членови на Комити, Дарко-Смок и Никола-Риба.
На крајот од дербито, Комити како да беа подготвени за убедлива победа, па Пелистер на чиј главен спонзор е фармацевската куќа Еурофарм, упатија креативна порака на која пишуваше „За индикациите и несаканите дејства од резултатот на натпреварот консултирајте го вашиот лекар или фармацевт“.
Во секој случај, во „Јане Сандански“ имаше едно ракометно дерби кое ретко може да се види на друг дел од светот.