Кристијано Роналдо вели дека фудбалот е многу поинаков од пред десеттина години, а прескапите трансфери со суми и над 100 милиони евра како од шега го претворија фудбалот во една сосема поинаква индустрија.
„Се плаќаат луди суми од 100 милиони евра за фудбалери кои сè уште не покажале и не освоиле ништо во светот на фудбалот. Никогаш не би платил цена од 70-80 милиони евра за голман, дефанзивец… Ако имав 25 години, а голман вреди 75 милиони евра, тогаш веројатно јас би вредел 3-4 пати повеќе“, изјави Роналдо за португалска телевизија.
Во 2009 година, кога од Спортинг пристигна во Манчестер јунајтед за 80 милиони фунти, тој трансфер беше рекорден, но сега се вртат огромни суми, а преселбата на Нејмар од Барселона во ПСЖ е апсолутен рекорд со платени 222 милиони евра.
За Роналдо, Јувентус пред две сезони плати 100 милиони евра, а Португалецот иако има 34 години, сè уште е меѓу најдобрите светски фудбалери.
„Признавам дека сум опседнат од успехот, но за мене тоа е одлична мотивација. Јас сум веќе дел од фудбалската историја и еден од најдобрите во мојата област. Сакам уште да играм фудбал“, додаде Роналдо.
Вели и дека не знае кога ќе ја заврши кариерата, која е исполнета со многу трофеи и индивидуални признанија.
„Можеби ќе се збогувам идната сезона, но можеби и ќе играм до 40-41 година. Ќе играм додека чувствувам предизвик на теренот“, коментира Португалецот.