Филип Ивановски е стрелец на првиот гол денеска на натпреварите од 14-тото коло во Првата лига, а сега во дресот на Беласица, тој е прв стрелец со интересен рекорд.
Еден од нашите најдобри напаѓачи ја почна сезоната во редовите на струмичани, досега постигна пет голови, а има серијал од 10 сезони по ред со најмалку еден постигна гол за клубот за којшто настапувал.
Од сезоната 2008/09, кога за полската Полонија имаше само еден настап, и тоа без погодок, 33-годишниот напаѓач направи убава серија.
Во 2010/11 играше за кипарскиот клуб Ахна и постигна еден гол, а потоа се врати во Вардар и имаше блескав учинок од 25 голови на 16 меча.
Кариерата потоа ја продолжи во Казахстан, во најдобриот клуб таму, Астана, и на два меча постигна два гола, па во текот на истата сезона, 2013/14, се врати во Вардар.
Ефектот кај „црвено-црните“ му беше три погодоци на три меча, а потоа во следните два циклуси продолжи да игра за Вардар и постигна вкупно 18 голови во двете сезони.
Се пресели во редовите на лутиот градски ривал Работнички, а во црвено-белиот дрес на романтичарите даде 7 голови на 33 меча.
Потоа повторно се одлучи да ја продолжи кариерата во странство, беше член на српски Јавор со 3 постигнати голови на 18 натпревари. Патот го одведе во Финска, во РОПС Рованиеми, каде што беше стрелец на 6 погодоци на 16 натпревари, а оттаму се врати во макфудбалот, во редовите на Беласица, каде што ја игра 17-та сезона во кариерата.