Селекторот на Франција Дидие Дешан, има само пофални зборови за Англија, која е следен нивни ривал на Светското првенство во Катар. Франција и Англија ќе играат утревечер во последното четвртфинале на Мундијалот, а подобриот ќе биде дел од полуфиналето каде ќе го чека подобриот од дуелот Мароко – Португалија.
Во последниве 10 години, Франција и Англија играле само три пати и тоа два пријателски меча (Франција има триумф од 3:2, а Англија се радувала со 2:0), како и дуелот на ЕП 2012 кога беше нерешено 1:1.
„Уште од почетокот на турнирот сите играчи се спокојни и максимално фокусирани. Сега сме во четвртфиналето и нашата цел е да се пласираме во полуфиналето. Темпото на игра често е еден од главните фактори за успех на еден меч. Англија е многу силен ривал, а посебно се опасни во контранападите. Немаат слаба страна и не е случајно што се во четвртфиналето“, вели Дешан во пресрет на утрешниот дуел.