Ерата на Дидие Дешан на клупата на Франција ќе заврши следната година, по Светското првенство во САД, Канада и Мексико. Тој на клупата на Триколорите седна во 2012 година, но синоќа најави дека се повлекува. Досега ја водеше Франција на 165 натпревари, на кои забележа 105 победи, 34 нерешени и 26 порази, а успеа да го освои Светското првенство во 2018 година.
Француските медиуми веќе пренесуваат дека негов наследник ќе биде соиграчот од репрезентативниот дрес на Дешан, Зинедин Зидан. Легендарниот Французин веќе долго најавува дека во својата тренерска кариера може да ги води само Реал Мадрид или Франција, а се чини дека следната година таа желба и ќе му се исполни.
Зидан во два мандати го водеше Реал Мадрид и успеа да дојде до два трофеи од Ла Лига и до три од Лигата на шампионите и тоа е единствениот ангажман што го имаше како тренер.