Десната рака на Кер стана селектор: Ќе ја води Нигерија на ОИ

Мајк Браун ќе се проба како селектор откако Кошаркарската федерација на Нигерија ја официјализираше соработката со помошниот тренер на Стив Кер во Голден стејт вориорс. Стратегот со долгогодишно искуство во НБА-лигата ќе ги води африканските Орли на претстојните Олимписки игри кои летово ќе се одржат во Токио.

Кошаркарската селекција на Нигерија третпат во низа ќе се појави на планетарниот спортски собир, а бидејќи Федерацијата не беше задоволна од настапот на последното Светско првенство, каде што го зазедоа 17-тото место, посегнаа по стратег кој несомнено ги има сите квалитети за успех.

Браун од 1997 година работи како тренер, пред сè беше асистент во Вашингтон визардс, Индијана пејсерс и Сан Антонио спарс. Од 2005 до 2010 година ги водеше Кливленд кавалирс, каде што ја доби наградата за најдобар тренер за 2009 година, а кратко се задржа како предводник на ЛА лејкерс. Од 2016 година му е десна рака на Стив Кер, заедно го одведоа тимот до две од вкупно три титули кои ги освоија Воините во изминативе неколку сезони.

- Оглас -

Најнови вести