Кирил Десподов, напаѓачот на бугарската репрезентација, знае дека утрешниот меч против Македонија во Разград ќе биде тежок, но очекува домашната селекција на крајот да стигне до трите бода.
Ова е прв дуел од новото издание на Лигата на нациите, а Македонија и Бугарија се фаворити за освојување на првото место во групата во која уште се и Гибралтар и Грузија.
„Секој меч во националниот дрес носи посебна тежина. Сите знаеме колку е важно да одиграме најдобро што можеме и да го оставиме срцето на терен. Нè очекува тежок меч и попаметниот на теренот ќе победи, а се надевам дека тоа ќе бидеме ние. Најважно е да играме со срце и душа и да ги освоиме трите бода. Подмладувањето во нашиот состав е факт. Одигравме многу контролни и квалификациски дуели и мислам дека сега е време да се видат резултатите. Треба да се фокусираме само на дуелот против Македонија, но потоа имаме уште три средби кои ќе бидат многу важни. Се надевам дека стадионот ќе биде исполнет и дека публиката ќе ни даде поддршка“, рече Десподов на денешната прес-конференција.