Деспотовски: Мораме да бидеме перфектни против Белгија (Видео)

Македонската А репрезентација ги интензивира подготовките за претстојните квалификациски предизвици за Светското првенство 2026, каде што прв ривал ќе биде силната селекција на Белгија, по што следува дуелот со Казахстан.

Меѓу повиканите е и дебитантот Стефан Деспотовски, кој со огромна желба и ентузијазам му се приклучи на националниот тим. Во своето обраќање Деспотовски потенцираше дека против Белгија ќе биде неопходна беспрекорна игра, особено во дефанзивниот дел.

„Голема чест е да бидам дел од репрезентацијата, сите ме прифатија одлично. Белгија е силна екипа, но ако им ја наметнеме нашата игра и не им дозволиме да го диктираат темпото, можеме да се надеваме на позитивен исход. Мора максимално да ги почитуваме насоките од селекторот Милевски – тоа ќе биде клучот“, рече Деспотовски.

Тој додаде дека е свесен за тежината на натпреварот и очекува силен притисок, но верува во подготовките и тимската работа.

„Притисок секогаш има, но работиме напорно и фокусот е на одбранбената организација, таа мора да биде совршена“, заврши новиот A репрезентативец.

Натпреварот против Белгија се игра во петок, на 6 јуни, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, со почеток во 20:45 часот. Очекувањата се стадионот да биде исполнет и публиката да биде 12-ти играч за Македонија.

- Оглас -

Најнови вести