-0.2 C
Skopje
сабота, 20 декември 2025

Дестани: Ова е „европска Шкендија“, која го подобри нивото на домашниот фудбал

Шкендија ја заврши 2025 година на одличен начин, потврдувајќи ја како најуспешна сезона во историјата на клубот на меѓународната сцена. По четиригодишна пауза, шампионската титула се врати во Тетово, создавајќи цврста основа за едно незаборавно европско лето.

Освојувањето на домашниот трофеј беше само почеток, а тимот од Тетово направи историски исчекор, остварувајќи ја долгодишната желба на клубот – пласман во главната фаза на едно европско натпреварување.


Шкендија не само што учествуваше во групната фаза од Конферециската лига, туку и обезбеди место во нокаут-рундата.

Првиот човек Лазим Дестани го истакна значењето на овој успех.


„Ова е фантастичен успех за нашиот клуб и за целиот домашен фудбал, кој Шкендија го претставува со достоинство и гордост на меѓународната сцена. ‘Европската Шкендија’ ги стопли срцата на нашите навивачи и на сите љубители на фудбалот ширум светот.

Оваа година уште еднаш потврди дека напорната работа, посветеноста, жртвата и истрајноста секогаш носат резултати. Патот не беше лесен, но беше извонредно убав и сладок за сите кои се дел од приказната на Шкендија.

Големи честитки за фудбалерите, стручниот штаб, администрацијата и менаџментот на клубот за ова историско достигнување. Особена благодарност и до верните навивачи, чија поддршка беше клучна за успехот – овој триумф е и нивен.

Сега следува заслужен одмор и полнење на батериите, со јасна цел во 2026 година Шкендија да се врати уште посилна, со нова енергија и амбиции, подготвена да продолжи победничкиот пат и да остане на врвот. Честитки Шкендија. Честитки на сите“, изјави Дестани.

Во нокаут-фазата на Конференциската лига на УЕФА, Шкендија ќе се соочи со турскиот Самсунспор или полскиот Лех Познањ, а со успешната европска есен клупската каса се збогати за најмалку 6.000.000 евра.

- Оглас -

Најнови вести