Расизмот е застапен на многу стадиони, и тоа на сите делови од европскиот континент, и засега битката е загубена, иако борбата за искоренување на оваа негативна појава е жестока. Редовно се апсат расисти кои ги навредуваат фудбалерите кои се со црна боја на кожа, а несекојдневен и специфичен случај има во Шкотска.
За време на декемвриското „Олд фирм“ дерби во Глазгов помеѓу Селтик и Ренџерс било приведено момче од само 12 години поради расни навреди кон играч на Ренџерс. Бидејќи станува збор за малолетник, името не му е објавено, но шкотската полиција потврди дека детето фан на Селтик има 12 години. Засега не е познато каква казна го чека детето или неговите родители, но како први мерки ќе треба да се преземат превоспитување и едукација.
Ренџерс по 10 години за првпат победи на „Селтик парк“, па ова дете првпат виде како е да се загуби градско дерби на домашен терен, со оглед на тоа дека имал само две години кога Селтик дома бил поразен од најомразениот ривал.