Детенце со леукемија упати моќна порака за Синиша Михајловиќ

Синиша Михајловиќ веќе ја започна борбата против страшната болест, леукемија, која неодамна му била констатирана. Еден од најдобрите српски фудбалери, а сега тренер на Болоња, има агресивен тип леукемија и мора веднаш да се реагира.

По објавувањето дека Михајловиќ е тешко болен, илјадници пораки со желби за оздравување пристигнаа на неговата адреса. Една од посебните пораки кои се појавија е таа на 10-годишното дете Мирко од Монца, кое исто така боледува од леукемија.

„Јас сум Мирко. Имам 10 години и големи квалитети. До октомври 2018 година бев нормално детенце. Играв со другарите, одев во училиште, навивав за Парма. Потоа, во октомври отидов во болница и таму ми рекоа дека имам леукемија. Дотогаш ништо не знаев за оваа болест, но подоцна сфатив дека е многу опасна. Имав два избори – да седам и да плачам по цел ден или да тргнам во борба“, вели Мирко во писмото упатено до Синиша Михајловиќ.

Детенцето открива дека голема помош добил од фудбалерите на Парма.

„Најголемата помош ја добив од играчите на Парма, посебно од Гацела и Инглес. Одев на стадион и секогаш го следев мојот омилен тим. Тоа многу ми помогна да поминам низ овие тешки месеци. Гледав натпревари и читав сè што е поврзано со фудбалот. Сепак, во мај добив нови лоши вести. Третманите веќе не беа доволни, морав да одам на трансплатација. А баш тогаш заврши и првенството… На 14 мај имав трансплатација на коскената срж и моментно делува дека сè е во ред. Пред неколку дена ве видов на прес-конференцијата, бевте многу тажен. Никој не може да го разбере вашето страдање повеќе од мене. Иако имам само 10 години, стравот е ист. Сакам да ви кажам да не се откажувате. Се надевам дека мојот совет ќе ви користи, па којзнае можеби еден ден ќе се сретнеме – јас на трибината, вие на теренот. Посебен поздрав од Мирко. И запамти, понекогаш волкот не е толку злобен колку што звучи“, стои во писмото на 10-годишното дете упатено кон Михајловиќ.

 

- Оглас -

Најнови вести