Новиот германски првак Баер Леверкузен во своите редови го има и најдобриот фудбалер за сезоната којашто измина во Бундеслигата. Младиот Флоријан Вирц го доби ова вредно признание откако доби најмногу гласови во гласањето во кое со 40 отсто од гласовите учествуваат навивачите, а по 30 отсто им припаѓаат на клубовите и стручњаците.
Баер Леверкузен е првиот тим кој успеа една сезона да заврши без ниту еден пораз, а да биде низата поимпресивна, Фармацевтите немаат ниеден пораз во сите натпреварувања. Вкупно 51 меч без пораз е низата која уште трае.
Вирц има само 21 година и пред пет години дебитираше во Бундеслигата, во дресот на Баер. Игра на позицијата офанзивен играч за врска и има импресивен учинок од 11 гола и 12 асистенции во првенството, односно 18 погодоци и 20 асистенции во сите натпреварувања сезонава, во која одигра 47 средби.
Меѓу настапите кои се за одбележување е дуелот против Вердер пред еден месец, кога влезе како резерва и постигна хет-трик. По тој меч, Баер и официјално стана првак, и тоа на пет кола до крајот. Вирц трипати ја добиваше и наградата за најдобар фудбалер во месецот во Бундеслигата.
Вредноста на овој 21-годишен играч сега се проценува на 110 милиони евра, а има актуелен договор со Баер Леверкузен до јуни 2027 година. Баер има шанси сезоната да ја заврши уште со два трофеја. В среда на 22 мај игра во финалето на Лигата на Европа против Аталанта, додека на 25 мај Фармацевтите ќе бидат дел и од финалето на Купот на Германија, каде што за ривал го имаат второлигашот Кајзерслаутерн.