Детроит пистонс го победи Лос Анџелес лејкерс со убедливи 128-106 на денот на кој Леброн Џејмс го слави својот 41-ви роденден.
Ветеранот кој ја игра својата 23-та сезона во НБА и прв стрелец е во историјата на лигата, имаше 17 поени и по четири скока и асистенции, покажувајќи дека уште не е за во пензија. Но, сепак најдобриот тим на Истокот беше пресилен за Езерџиите, кај кои Лука Дончиќ постигна 30 поени.
Најинтересен од четирите меча беше оној во Мемфис, каде што гостите од Филаделфија победија со 139-136, и тоа по продолжение од пет минути. Џоел Ембид и Тајрис Макси уфрлија по 34 поени, но јунак на 76-ките беше дебитантот Ви Џеј Еџкомб, кој погоди тројка за победа на 1,7 секунди до крајот на продолжението. Еџкомб средбата ја заврши со 25 поени и ја прекина црната низа на Филаделфија од шест порази по ред.
VJ EDGECOMBE GAME-WINNER.
WHAT A CLUTCH SHOT BY THE ROOKIE 🤯 pic.twitter.com/9AhyF5E43B
— NBA (@NBA) December 31, 2025
ЛА клиперс го растури Сакраменто со 131-90, а Кавај Ленард продолжи да игра добро и ефикасно. На последните пет меча на кои Клиперс победи, Ленард дава 28 или повеќе поени. Против Кингс придонесе со 32.
Бостон направи пресврт во второто полувреме против Јута и славеше со 129-119 во меч на кој Дерик Вајт имаше 27 поени (13 во последната четвртина) и дури седум блокади, што му е личен рекорд. На Џејлен Браун му заврши серијата од девет меча по ред на кои даваше барем 30 поени, застана на 23, но неговиот тим победи, па нема да жали.

