На 1 јуни 2025 година (недела), на отвореното игралиште т.н. Дупка, во рамки на Спортскиот центар „Марко Божиновски“ во Ново Лисиче, ќе се одржи финалниот турнир во мини-ракомет – Јуниор Куп, како дел од проектот „Ракомет за секое дете“.
На турнирот ќе учествуваат над 280 деца, момчиња и девојчиња на возраст од 6 до 12 години, организирани во 27 екипи. Предвидено е да се одиграат вкупно 27 натпревари, а како и секоја година, секое дете учесник ќе добие сертификат за практична обука по ракомет и учество на „Јуниор Куп“ турнирите.
Освен спортскиот аспект, каде младите ракометари ќе имаат можност да ги покажат своите спортски вештини, тимски дух и љубовта кон ракометот, овој турнир носи и силна хуманитарна порака. Средствата собрани за време на настанот ќе бидат наменети за поддршка на семејствата на настраданите членови на бендот ДНК, кои трагично го загубија животот или се тешко повредени во неодамнешниот настан во Кочани.