„Децата“ на Реал со половина дузина голови ја испратија Мелиља назад во Африка

Реал Мадрид немаше никакви проблеми и убедливо со 6:1 го победи нисколигашот Мелиља во реваншот од Купот на Шпанија. Гостите успеваа повеќе од половина час да ја сочуваат својата мрежа незатресена на „Сантијаго Бернабеу“, но потоа следуваше гол-шоу.

Асенсио погоди во 33-тата минута за 1-0, а две минути подоцна тој зголеми на 2-0. До полувремето, во листата на стрелците се запиша и младиот Хавиер Санчес. Во вториот дел, Реал даде уште три гола. Иско погаѓаше во 47-мата и 83-тата минута, а во листата на стрелците се запиша и Жуниор Винисиус во 75-тата минута.

Дури и гостите успеаја да постигнат гол, и тоа преку Касми во 81-вата минута од пенал. Реал оди понатаму во осминафиналето од Купот на Шпанија со вкупен резултат од 10-1 против клубот чие седиште е во Африка.

Во првиот меч одигран денеска ,Леванте со 2-0 го победи Луго, а вечерва се играат уште три средби.

 

- Оглас -

Најнови вести