Децата на Вардар кројат изненадување за уморниот Силекс

Подмладениот тим на Вардар и одличниот стратег Александар Васоски кројат изненадување за уморниот тим на Силекс, кој имаше долго патување до Баку и назад, за мечот што го загубија од Карабах со 4:0 во првото квалификациско коло во Лигата на шампионите.

Мечот со Скопје е дерби на третото коло во новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, а од 17 часот ќе играат актуелниот првак и тимот кој му го зема местото во квалификациите за ЛШ.

Вардар поради финансиски проблеми не доби лиценца за европски настап, па Силекс играше во квалификациите за ЛШ и веднаш испадна.

Кратовци имаат поискусен состав со солиден квалитет за македонското првенство и се фаворити денеска како гости во Скопје кај најтрофејниот наш клуб.

Вардар сепак има штоф и добри млади играчи, засилени со неколку искусни играчи кои дојдоа во последен миг во летниот трансфер период и ќе се обидат да ја забележат четвртата победа по ред против Силекс, кога Кратовци им гостуваат во Скопје.

Уште еден интересен дуел од 17 часот ќе се игра во Битола, а непоразениот Пелистер му е домаќин на осетно засилениот тим на Работнички.

Двете екипи играа пријателски меч пред неполн месец и славеа романтичарите со 2:0, но Пелистер е секогаш незгоден домаќин во Битола.

Во третиот денешен меч од третото коло Струга ќе се обиде да ја забележи првата победа против Борец, кој е гостин, но е и непоразен по двете стартни кола во ПМФЛ.

 

- Оглас -

Најнови вести