Неуморниот куглар и кугларски работник, Дарко Димитровски, е редок пример во македонскиот спорт каде што еден ист човек врши функција претседател на некоја спортска федерација, а притоа да биде тренер, и уште да е активен во тој спорт и да се натпреварува како играч.
Димитровски одамна е „заразен“ со куглањето благодарение на татко му, сега покојниот Драги, а постариот брат на Дарко, Димитар веќе околу две децении е еден од најдобрите куглари во Македонија. Љубовта кон спортот е преголема и не му е тешко да стигне секаде каде што треба и извршувањето на обврските кои ги носат играњето, тренирањето и раководењето.
Дарко во август стана претседател на Кугларската федерација на Македонија, а како главна цел си постави одблокирање на сметката.
„Имам една и единствена цел, да се одблокира сметката на Федерацијата, која е блокирана цели 13 години. Куглањето функционира само поради упорноста и челичната волја на група луѓе вљубеници во овој спорт, но исцрпени сме без поддршка од институциите и тонеме како во жива кал. Ќе се фокусирам максимално на оваа најважна цел за еден успешен спорт да опстои“, вели Димитровски.
Куглањето веројатно е единствен екипен спорт во кој Македонија играла финале на Светско првенство, но ова не е олимписки спорт и интересот кај пошироката јавност не е каков што заслужуваат кугларите и кугларските работници.
„Искрено, малку луѓе, или воопшто никој не би се нафатил на оваа функција базирано на претходните искуства. Можеше лесно да останеме без прв човек на маккуглањето. Размислував длабоко и решив дека вреди да изгубам време, нерви, финансии за она што го сакам и го практикувам речиси целиот мој живот“, објаснува Димитровски, кој е и играч и тренер на Вардар 2014, клуб кој пред една недела го освои Купот на Македонија и му пркоси на убедливо најтрофејниот Макпетрол.
„Од првиот ден на постоење, Вардар 2014 има највисоки цели и амбиции. Се снаоѓаме и опстојуваме, а клубот секогаш ќе се бори и ќе атакува на лигата и купот во домашното првенство. За 11 години постоење, ние сме единствените што на неколку пати прекинавме целосна доминација на еден клуб со освоени една титула во лигата и три купа“, раскажува Димитровски.
Што се однесува до фудбалот, разбирливо, омилен клуб му е Вардар, а и хуманитарниот тикет го одигра патриотски, со надеж дека нашите репрезентативци вечерва ќе останат непоразени против фаворитот Белгија. На тикетот се четири „зицери“ и два пара со многу големи квоти.
„Фудбал повеќе следам резултатски отколку да гледам 90 минути на телевизија. Имам омилени клубови во секоја лига, како и омилени фудбалери. Во домашното првенство навивам за Вардар, секако, а би ги издвоил Барселона и Наполи од странските лиги. На прсти се брои колкупати сум се обложувал, но сакам да предвидувам и да пробувам да погодам исход од некој натпревар. Марфи секогаш работи на чуден начин, без уплатен тикет погодувам, со уплатен не. Верувам дека нема да изгубиме од Белгија, затоа типував на реми“, заклучува Димитровски, а и ние посакуваме тикетот да биде добитен и парите од добивката да завршат во хуманитарни цели, каде што се потребни.