Џабе се головите, вториот стрелец во Ла Лига не доби повик за репрезентацијата

И покрај импресивните настапи зачинети со голови и асистенции во шпанската Ла Лига и во Лигата на шампионите, Винисиус јуниор, офанзивецот на Реал Мадрид, не се најде на списокот со репрезентативци на селекторот на Бразил, Тите, за мечевите со Колумбија и Аргентина.

Иако Кариоките имаат огромен квалитет и избор на играчи што би можеле да состават и неколку екстра квалитетни репрезентации, сепак одлуката на Тите е изненадување.

Винисиус јуниор игра импресивно во првиот дел од сезоната и со 7 гола е втор стрелец во силната шпснака лига, само зад клупскиот соиграч Карим Бензема со 9 погодоци.

И во Лигата на шампионите офанзивецот на Кралскиот клуб игра одлично, а и таму е зад Бензема со два гола и три асистенции. Се очекуваше сигурно да биде на списокот на бразилската репрезентација за ноемвриските мечеви со Колумбија и Аргентина, дури и да конкурира за место меѓу стартните 11, но се случи изненадување и Винисиус јуниор ќе чека нова шанса.

„Ја почитувам одлуката на селекторот Тите и ќе работам уште понапорно за да се најдам меѓу репрезентативците на Бразил“, изјави Винисиус по победата на Реал Мадрид против Шахтар со 2:1, при која токму тој „кумуваше“ со две асистенции до двојниот стрелец Бензема.

Бразил по 11 натпревари во квалификациите за настап на Мундијалот во Катар, се наоѓа на првото место со 31 бод и е речиси сигурен учесник на СП следната година.

 

 

- Оглас -

Најнови вести