Екипата на Далас маверикс загуби пред своите навивачи од Феникс санс, и тоа убедливо со 109:132, во една од осумте средби одиграни ноќеска во НБА-лигата. На овој меч Далас уште еднаш покажа колку е неконстантен, па иако во еден дел од втората четвртина водеше дури со 16 разлика (51:35), Феникс успеа многу брзо да се врати и веќе на почетокот на третата четвртина гостите беа тие што водеа (60:58).
Фантастичен беше периодот во кој Сонцата дадоа 35, а примија само 10 поени, па во средината на третата четвртина веќе беа во предност од 70:61, а играта на Далас целосно се распадна. На крајот, Феникс победи дури со 23 поени разлика, а најзаслужен за оваа победа на Сонцата беше Девин Букер со 46 поени. Кај Далас, стандардно најефикасен беше Лука Дончиќ со 34 поени, но Словенецот не можеше сам да се спротивстави на разиграните гости.
Детроит, кој е најслаб тим во цела лига, стигна до петтата победа во 44-тиот дуел, откако на свој терен го победи Шарлот со 113:106. Најнеизвесно беше во Хјустон, каде што Портланд како гостин се радуваше на победа, и тоа дури по одигрување на дополнителни пет минути.
Резултати: Детроит – Шарлот 113:106, Вашингтон – Минесота 107:118, Мајами – Мемфис 96:105, Хјустон – Портланд 131:137 по продолжение, Милвоки – Кливленд 126:116, Далас – Феникс 109:132, Сан Антонио – Оклахома 114:140, Голден стејт – Атланта 134:112.