Мирко Ивановски ниту една секунда не се двоумеше дали голот за победа на Пелистер против Вардар да го прослави со соблекување на дресот и качување на трибината кај Чкембарите, иако знаеше дека тоа ќе му донесе втор жолт, со тоа и црвен картон.
Ивановски добро знае дека победа во ова дерби играно на првиот меч во Битола под рефлектори, вреди повеќе од еден црвен картон во судиското продолжение.
Желбата за победа кај 35-годишниот битолчанец беше огромна, радоста истотака, и тоа е нешто што можеби им фалеше на гостите од Скопје вечерва.
Се покажа дека тим со многу странци во составот, не значи и успех. Напротив, Вардар е последен на табелата, а вечерва против Пелистер играа шестмина странци кои не се палат толку како домашните на вакви историски дерби средби.
Во Пелистер сите што играа се Македонци, и се покажа дека и со домашен состав може да се биде конкурентен во првата лига.