Леброн Џејмс стана петтиот кошаркар во историјата на НБА лигата со 100 трипл-дабли во кариерата, но беше лут после натпреварот со Мемфис гризлис, бидејќи неговиот тим Лос Анџелес лејкерс претрпе пораз од 95-108.
„Мразам да губам. Фрустриран сум како игравме во некои делови од мечот“ – рече Џејмс кој влезе во друштво на Расел Вестбрук, Оскар Робертсон, Џејсон Кид и Меџик Џонсон како петорка со 100 или повеќе трипл-дабли во НБА.
Кај Гризлис го немаше првиот стрелец Џа Морант, но тимот со добра одбрана најде начин како да даде многу поени од контра, и извојува победа против Езерџиите.
Трипл-дабл во пораз имаше и Никола Јокиќ. За Србинот ова е петти трипл-дабл сезонава и 62-ри во кариерата, но Денвер загуби од Сан Антонио со 111-123. На третиот меч синоќа, Јута беше подобра од Филаделфија со 118-96. Руди Гобер по петти пат сезонава имаше 20 или повеќе скокови на еден меч.
Иако на 30-ти декември ќе наполни 37 години, Леброн Џејмс уште е кошаркар кој физички е поподготвен од многу помлади колеги. Погледнете едно негово атрактивно забивање, пред кое тој фати залет со трчање со брзина од 27,6 километри на час:
https://twitter.com/i/status/1469115047443976193