Гранит Џака, капитенот на Арсенал, одлучи повеќе да не молчи откако ја наруши врската со навивачите на клубот по скандалозното и драматично напуштање на теренот во ремито против Ватфорд од 2-2 изминатиот викенд.
Швајцарецот на излегување гестикулираше кон навивачите кои го исвиркуваа и нервозно го соблече дресот пред да се упати кон соблекувалната, по што се најде на удар на критики од страна на фан-базата на Топчиите.
„Сцените кои се случија при моето излегување од игра длабоко допреа до мене. Ме повредија сите навреди на навивачите, сите негативни коментари кои ги прочитав на социјалните мрежи и оние што ги слушам за време на натпреварите. Ми се закануваа дека ќе ми ги скршат нозете, ми го навредуваа семејството. Од трибините се слушаа извикувања: Ќе ти ја убиеме сопругата, ќерќа ми да умре од рак… Не можев повеќе да ги трпам тие навреди, по што реагирав недолично. Ми дојде преку глава и не можев да останам рамнодушен. Затоа жалам за мојот начин на однесување, бидејќи за овој клуб играм со срце и секогаш давам 100% од мене. Се надевам дека ќе можеме повторно да изградиме здрава врска и да не заборавиме зошто ја играме оваа игра на прво место“, стои во објавата на Џака на „Инстаграм“.
Во меѓувреме клубот треба да донесе одлука дали Џака и натаму ќе ја носи капитенската лента. Швајцарецот има поддршка од соиграчите, но последниот збор го има менаџерот Емери.