Капитенот на швајцарската репрезентација, Гранит Џака, синоќа на гостувањето против Косово во Приштина беше исвиркан од публиката, што предизвика шок кај фудбалерот чии родители се од Косово.
Џака е еден од омилените играчи кај Албанците каде и да живеат, но на Косово има и такви кај кои не е популарен.
„Ме изненади што бев исвиркан. Ме боли, но треба да го прифатам тоа. Во спортот се случуваат вакви работи кои не може да се контролираат. Швајцарските навивачи секогаш ме поддржуваат, и дома и на гости“, изјави Џака.
Џака неодамна зборуваше за одлуката на Леон Авдухалу и Албин Хајдари да ја напуштат младата швајцарска репрезентација и да играат за сениорскиот тим на Косово и таа изјава налути многумина.
„На тие двајца не им беше загарантирано место во националниот тим. Авдулаху не е подобар од Ардон Јашари, немаше трпение, но го почитувам нивниот избор да играат за Косово“, рече Џака непосредно пред натпреварот во Приштина.
Хајдари одговори дека нема врска трпението, туку одлучиле да го претставуваат Косово затоа што го сакаат од срце.
По мечот, Џака се фотографираше со Хајдари и Авдулаху со порака: „Ние сме едно“.

На стадионот „Фадиљ Вокри“ не сите го исвиркуваа Гранит, имаше и такви кои му аплаудираа кога излегуваше од игра, но очигледно беше дека не му е пријатно и одеше со спуштена глава.

По завршувањето на средбата, Џака имаше расправа со Љуљзим Бериша, кој е водач на косовските фанови, и Џака бараше објаснување за односот кон него.

