Денвер нагетс успеа да израмни на 3:3 во дуелите против Јута џез и се избори за решавачки седми дуел во првото коло од плејофот во НБА-лигата. Во мечот кој мораше да го добијат, Денвер на крајот се радуваше со 119:107, а Џамал Мареј беше главна ѕвезда на теренот. Мари постигна 50 поени и беше најзаслужен за победата на неговиот тим.
Ова е вторпат во серијата против Јута Мареј да даде 50+ поени. Низ историјата на плејоф-дуелите само петмина кошаркари може да се пофалат дека во една серија имале два меча на кои стигнале до бројката од 50 поени. Ако се пресметаат поените дадени на последните три меча против Јута, Мареј има вкупно 142 поени. Само легендарните Џери Вест во 1965 година и Мајкл Џордан во 1988 година успеале во три меча по ред во плејоф-дуели со еден ист ривал да постигнат повеќе поени од Мареј што има на последните три дуели со Џезерите.
Мечот не започна добро за Денвер затоа што Јута пред крајот на првата четвртина имаше предност од 10 поени (28:18). Јута имаше предност до почетокот на втората четвртина, кога Денвер успеа да го преземе водството (40:39) и до крајот на мечот не ја испушти предноста.
Освен Мареј, одличен кај Денвер беше и Никола Јокиќ со 22 поени, додека кај Јута најефикасен очекувано беше Донован Мичел со 44 поени, но тоа не беше доволно да ја одведе Јута во втората фаза од плејофот, каде што веќе се најде Лос Анџелес клиперс.
Тимот од Лос Анџелес со 4:2 во победи го елиминираше Далас откако синоќа славеше со 111:97. Ленард одигра одличен меч и беше предводник на Клиперс со 33 поени, 14 скока и седум асистенции. Кај Далас најефикасен беше Лука Дончиќ со 38 поени и по девет скока и асистенции, но само блескавата игра на Словенецот не беше доволно за Далас да стигне до 3:3.