Езџан Алиоски и сите негови соиграчи, тренери, раководството на Лидс и навивачите можат да слават промоција во Премиер лигата по поразот на Вест Бромвич од Хадерсфилд, вечерва со 1:2.
Лидс и теоретски е недостижен за ВБА на две кола до крајот, а за да бидат шампиони во Чемпионшип лигата им треба само еден бод на последните два натпревари.
Клубот од Јоркшир повторно ќе биде дел од англиската лига по пауза од 16 години. Последен пат Лидс беше премиерлигаш во сезоната 2003/04.
WE ARE BACK!!! @PremierLeague
— Leeds United (@LUFC) July 17, 2020
Алиоски е член на клубот од 2017 година, кога пристигна на „Еланд роуд“ од швајцарски Лугано.
Лидс на две кола до крајот на првенството во Чемпионшип лигата има 87 бода, пет повеќе од ВБА, екипа што има само еден меч за доигрување и шест од Брентфорд. Сега популарните Пчели од Брентфорд се во подобра позиција од ВБА и ќе им требаат четири бода од последните два меча за да му се приклучат на Лидс во Премиер лигата.