Англискиот офанзивец Џејдон Санчо ќе си замине од Челзи на 30 јуни, откако двете страни не успеаја да се договорат за неговите лични услови за перманентен трансфер. Иако минатото лето пристигна на „Стемфорд бриџ“ како позајмен играч од Манчестер јунајтед, со опција за задолжително откупување од 25 милиони фунти, преговорите околу платата не завршија успешно.
Поради тоа, Челзи нема да ја активира клаузулата, а клубот ќе биде обврзан да му плати отштета од 5 милиони фунти на Јунајтед поради неуспешното финализирање на договорот.
Санчо остави солиден впечаток во дресот на Сините од Лондон, настапи на 42 натпревари, постигна пет гола и забележа десет асистенции. Беше еден од клучните играчи во тимот кој успеа да обезбеди место во Лигата на шампионите и да ја освои Конференциската лига, победувајќи го Бетис во финалето.
Менаџерот Енцо Мареска отворено го истакна придонесот на Санчо.
„Да не беше тој, немаше да бидеме четврти. И финалето го добивме токму благодарение на него.“
Иако се разделува со Челзи, се очекува Џејдон Санчо да биде една од поатрактивните цели за клубовите ширум Европа и Англија во летниот трансфер-период.