Хамес Родригес блесна на Светското првенство во 2014 година, кога беше најдобар стрелец на Мундијалот. Токму затоа, колумбискиот репрезентативец направи трансфер во Реал Мадрид, каде што беше член цели шест години.
Во 2020 година, Хамес направи трансфер во Евертон, а откако одигра една сезона, лани се пресели во Ал-Рајан во Катар. Иако шест години беше дел од Реал Мадрид, Родригес јавно кажа дека во финалето од Лигата на шампионите ќе навива за Ливерпул, а не за Кралскиот клуб. Оваа негова изјава е разочарувачка и за фановите на Евертон, градскиот ривал на Ливерпул.
Сепак, Колумбиецот објасни дека неговиот многу добар пријател Луис Дијаз, кој игра за Ливерпул, сака да се израдува на европската титула.
„Сакам Ливерпул да ја освои Лигата на шампионите. Имам многу пријатели во Реал Мадрид и тоа е многу тежок ривал за вакви натпревари, но сакам Лучо да победи“, рече Хамес Родригес.
Финалето во Лигата на шампионите ќе се игра на 28 мај на „Сент Дени“ во Париз.