ЛА лејкерс со ангажманот на еден од најдоминантните кошаркари на дешенцината, Леброн Џејмс, очекуваше лесно да обезбеди пласман во плејоф-разигрувањата, меѓутоа работите не се како што посакуваа челниците на шестнаесеткратниот првак. По 57 натпревари во регуларниот дел, „езерџиите“ се на 10-тото место во Западната конференција и имаат негативен учинок од 28 победи и еден пораз повеќе.
Своја тежина за ситуацијата во која се наоѓа Лејкерс носи и фактот што Џејмс пропушти 17 меча поради повреда.
Положбата на тимот го натера Џејмс порано да го активира „ѕверот“ во себе, кој обично го чува за завршницата на разигрувањата, односно игра со многу повисок интензитет. Очигледно е дека „кралот“ мора многу да понесе многу повеќе одговорност и да го однесе својот тим до едно од местата за плејоф, во спротивно може да се случи за првпат по 13 година да гледаме разигрувања во кои нема да учествува Џејмс.
По три дена одмор од Олстар-викендот, натпреварите во најсилната кошаркарска лига се враќаат на сцена, а од шесте средби кои ќе се одиграат ноќеска, меѓу нив најинтересна ќе биде онаа меѓу Лејкерс и Рокитс, поточно директниот двобој на Џејмс и Харден.
„Нашата главна цел е да играме плејоф, тоа го зацртавме уште на стартот од сезоната и мораме да успееме. Веќе го засилив интензитетот на игра, она што јас го викам плејоф-мод. За жал, мора да биде така, иако обично не играм со толку висок интензитет во овој дел од сезоната, па затоа се чувствувам малку непријатно. Но, јас сум во „врска“ со тоа чувтство, ми се допаѓа“, истакна Џејмс.
Откако во 2003 година беше избран како прв пик на драфтот од страна на Кливленд кавалирс, на Леброн му беа потребни две сезони за да дебитира во разигрувањата. Во сезоната 2005/06 конечно се појави во постсезонските мечеви, а со Кливленд претрпе елиминација во конференциското полуфинале на Истокот против Детроит пистонс. Но, следната сезона се врати уште посилен, па „коњаницата“ ја предводеше до самото финале, каде што доби „метла“ од Сан Антонио.
Последниот неуспех со Кливленд го претрпе во сезоната 2009/10, каде што по елиминацијата од Бостон одлучи да смени екипа и да му се придружи на Двејн Вејд во Мајами хит. Со нив, Леброн играше на четири последователни финалиња, кои две ги освои во 2012 и 2013 година.
Судбината го натера да се врати во Кливленд и да ја доврши ветената работа, да донесе шампионска титула во градот од Охајо. Исто како со Мајами, Џејмс четири пати во низа играше во финале, а само еднаш (сезона 2015/16) успеа да ја спречи доминацијата на Голден стејт вориорс.
Сигурно нема да биде исто доколку по 13 години, гледаме разигрувања без еден од најдобрите кошаркари во историјата.