Денешниот дуел од Серија А меѓу Џенова и Јувентус ќе се игра без присуство на гледачи, поради казната што ја доби домашниот тим. Џенова е казнета да мора да игра пред празни трибини поради инцидентите што се случија надвор од стадионот, пред и по мечот во Купот на Италија против Сампдорија.
Градските ривали играа во Купот, а навивачите на двата тима направија големи нереди низ улиците на Џенова. Имаше повредени и уапсени навивачи како и повредени полицајци, па од Серија А стигна одлука дека Џенова на следниот меч ќе игра без навивачи.
Оваа казна предизвика револт кај луѓето во Џенова, потенцирајќи дека клубот неправедно е казнет. По овој инцидент се огласи и министерот за внатрешни работи, Матео Пиантедоси.
„Тоа што се случуваше пред и по мечот Џенова – Сампдорија немаше никаква поврзаност со фудбалот и вредностите кои спортот ги промовира. Неприфатливо е однесувањето на оние кои ги користат стадионите и фудбалските дуели за да прават нереди. Сочувствуваме со повредените полицајци“, рече Пиантедоси.