Џиџи Бекали реагираше во свој препознатлив стил, остро и без многу компромис и вели дека евентуален неуспех на Стеауа, односно како што сега се нарекува ФЦСБ и неиграње во европските купови ќе значи банкрот и исчезнување на поранешниот европски првак.
Стеауа веќе претрпе еден голем удар од армијата на Романија, кога мораше со судски налог да биде преименувана во ФЦСБ, а сега ако заканите на Бекали се реализираат ќе значи и комолетно исчезнување од фудбалската мапа.
„Ако не играме во Европа тоа ќе значи банкрот. Не ми требаат скапи играчи за да си правиме забави со Рапид и Динамо во Букурешт и општо во романската лига. Веднаш ќе ги продадам Ман, Морутан, Оаида и Панциру и клубот ќе банкротира. Моите пари не ги фрлам во ветар“, изјави Бекали.
ФЦСБ моментно е на втората позиција во плејофот за титулата со 26 бода, колку што има и Универзитатеа Крајова, а зад лидерот Клуж со 30. Романското првенство треба според планот да продолжи на почетокот на април, но каква е ситуацијата со Коронавирусот тоа тешко ќе се случи, па можно е ново пролонгирање.
УЕФА објави дека сите првенства во Европа треба да се завршат до 30. јуни, па веднаш потоа да почне и новата евросезона што според Бекали е спас за ФЦСБ.