Македонската ракометна репрезентација го заврши првиот дел од подготовките за настапот на Европското првенство во Данска. Нашите ракометари од утре се селат во Швајцарија, каде ќе учествуваме на „Жолтиот куп“ во Винтертур.
„Првиот дел од подготовките помина одлично. Сега влегуваме во фаза кога подетално ги анализираме противниците и како поминува времето ќе бидеме се поподготвени за Европското првенство, односно за предизвиците кои нѐ очекуваат. Токму турнирот во Швајцарија е еден од најважните во подготовките, бидејќи се што сме тренирале, ќе може да добиеме една реална слика до каде сме. Ќе видиме каде грешиме и како да ги поправиме грешките, бидејќи и после турнирот имаме неколку дена за корекција.“ – вели репрезентативецот Иван Џонов.
Амбициите на Македонија се да ја мине групата, а за тоа ќе ни биде потребно пласман на едно од првите две места во групата, во конкуренција на Данска, Португалија и Романија.
„Сите сакаме да ја минеме групата. Противниците се екстра квалитетни. Не треба да се троши зборови за Данска, исто и Португалија е квалитетна селекција, а тука е и Романија. Можам да ветам дека ние ќе се бориме од прва до последна минута. Ќе се обидеме да го дадеме најдоброто од себе и да ја претставиме Македонија во најдобро светло.

