Џорџо Кјелини донесе одлука, од денеска е пензионер

Џорџо Кјелини, еден од најдобрите дефанзивци и најтрофејни италијански фудбалери во последните две децении, одлучи на 39 години да замине во пензија.

Кјелини неколку дена размислуваше за следниот чекор во кариерата и одлучи да ги закачи копачките на клин. Веста за неговата одлука ја објави познатиот италијански новинар Фабрицио Романо.

„Легендата на Италија, Џорџо Кјелини, одлучи да се повлече од фудбалот. Еден од најдобрите стопери во последната деценија, вистински лидер, сериски победник и одлично момче. Среќно во иднина, Џорџо“, напиша Романо.

Кјелини кариерата ја започна во Ливорно во 2000 година, по две години се пресели во Рома, а во 2004 година потпиша за Јувентус, чиј дрес го носеше цели 18 сезони и стана миленик на навивачите. Тој беше еден од ретките фудбалери коишто останаа во Јувентус кога Старата дама поради аферата Калчополи беше исфрлена во Серија Б.

Со Јувентус освои девет титли во Серија А, по пет по Купот и Суперкупот на Италија, но не успеа да го крене шампионскиот пехар во Лигата на шампионите иако двапати играше во големото финале.

Последен тим во неговата кариера му беше Лос Анџелес, со кого неодамна загуби во финалето на МЛС-лигата.

Со репрезентацијата на Италија најголем успех му беше триумфот на ЕП 2021 година.

- Оглас -

Најнови вести