Ентони Џошуа и Александр Поветкин во сабота вечерта на славниот лондонски стадион „Вембли“ ќе им приредат спектакл на љубителите на боксот со борбата за титулата во тешка категорија. Бранител на четирите појаси е Џошуа, па тој важи за фаворит. Но, искусниот предизвикувач од Русија не смее да се потцени.
Џошуа на „Вембли’ во април 2017 го совлада Владимир Кличко и верува дека и на второто појавување таму ќе слави победа. Нему му фали само појасот во ВБЦ-верзијата за да стане неприкосновен шампион. Во ВБЦ, титулата е кај Донте Вајлдер, и тоа е ривалот кој Џошуа сака да го совлада, но мора прво да се одбрани од Поветкин.
Саша Поветкин има 39 години, беше шампион на ВБА од 2011 до 2013 година. Тој во кариерата има само еден пораз како професионалец, во 2013 година, кога беше поразен од Владимир Кличко. Од 34-те победи, 24 му се со нокаут.
Џошуа и Поветкин се поранешни олимписки прваци. Русинот се закити со злато во Атина 2004, а 28-годишниот Џошуа во Лондон во 2012. Двајцата најавуваат дека го почитуваат противникот, бидејќи во тешка категорија еден удар може да го смени текот на борбата.
Билетите за боксерскиот спектакл беа пуштени во јули и нема дилеми дека во живо боксерскиот меч ќе го следат 80.000 луѓе. Аналитичарите сметаат дека нема да има нокаут, туку дека Џошуа ќе победи на поени. Дали се во право, останува да се види утревечер.