Џуд Белингам избран за најдобар фудбалер во Ла Лига за изминатата сезона

Џуд Белингам e избран за најдобар играч во Ла Лига за минатата сезона. На гласањето, организирано од Асоцијацијата на шпанските фудбалери (AFE), учествуваа токму фудбалерите од Ла Лига, што му дава уште поголемо значење за ова признание на Белингам по извонредната дебитантска сезона на Англичанецот во Шпанија.

Церемонијата за доделување на наградата ќе се одржи следниот понеделник во Мадрид.

Белингам во сезоната 2023/24 одигра 28 натпревари во Ла Лига, постигнувајќи 19 гола и шест асистенции. Овие бројки го направија најдобар стрелец на Реал Мадрид во првенството, по што беше прогласен за најдобар играч во шпанското првенство.


Англичанецот во сите натпреварувања забележа 23 гола и 13 асистенции, играјќи клучна улога во победите на Реал Мадрид во Ла Лига и во Лигата на шампионите.

Во сезоната 2022/23 наградата ја освои бразилскиот напаѓач на Реал Мадрид, Винисиус јуниор, со извонредна статистика од 23 гола и 19 асистенции во 55 натпревари.

Посебна награда за крајот на својата играчка кариера ќе добие Раул Гарсија, кој ова лето се повлече од фудбалот на 38 години. Со екипите на Атлетик Билбао, Атлетико Мадрид и Осасуна тој одигра 609 натпревари во Ла Лига, постигнувајќи 110 гола. Во целата историја на шпанската елита само двајца фудбалери имаат повеќе настапи од него, Хоакин и Андони Зубизарета.

- Оглас -

Најнови вести