Македонија го доби и петиот учесник на Летните Олимписки игри кои ќе се одржат во Париз од 26-ти јули до 11-ти август, а тоа е џудистот Еди Шерифовски, кој настапува во категоријата до 81 килограми.
„Македонскиот олимписки комитет беше информиран дека, со заедничка одлука на Меѓународниот олимписки комитет и Меѓународната Џудо Федерација, врз основа на постигнатите резултати и постоечките правила, најдобриот македонски џудист, Еди Шерифовски (категорија -81 кгр) ќе учествува на Олимписките игри Париз 2024.
Со ова продолжува трендот на континуирано учество на македонските џудисти и џудистки, имајќи во предвид дека ова се трети Олимписки игри по ред на кои учествуваат најдобрите македонски спортисти и спортистки во Џудо. Претходно Катерина Николовска во РИО 2016 и Арбреша Реџепи ТОКИО 2020 учествуваа на Олимписките игри, а сега и Еди Шерифовски.
Силно веруваме дека Еди ќе го пружи своето најдобро во Париз и дека заедно со својот тренер Горан Мицковски ќе постигнат одличен резултат на претстојните Олимписки игри“, објавија од МОК.
Шерифовски се огласи преку социјалните мрежи.
„Нема зборови со кои може да се опише чувството и привилегијата, гордоста и благодарноста кои ги чувствувам во моментов. Сонот стана јаве, го живеам мојот сон од детството, ќе бидам учесник на Олимписки игри. Им благодарам на сите кои беа дел од ова долго, полно со препреки, патување. Се надевам дека сите ќе се гордееме со мојот настап во Париз“ вели Шерифовски.