Аргентинскиот фудбалер Анхел Ди Марија, пресреќен е што ќе биде клупски колега со сонародникот Лионел Меси, а еден друг нивен „земјак“, Серхио Агуеро, е многу тажен што прејде во Барселона мислејќи дека ќе игра со Меси, но тоа нема да се случи. Освен тоа што Агуеро нема да игра со Меси поради кого потпиша за Барса, популарниот Кун има повреда на коленото, и ќе отсуствува десет недели.
„Кун сака да се самоубие во моментов“ – изјави во интервју Ди Марија со насмевка, покажувајќи дека не го мисли тоа сериозно, туку се шегува.
Ди Марија беше еден од најзаслужните што Аргентина неодамна ја освои Копа Америка, и тоа беше прв значаен трофеј за Меси во репрезентативната кариера со А тимот на Гаучосите.
„Искрено, мене ми е многу лесно да играм со Меси. Ќе истрчаш напред и тој топката ќе ти ја додаде право во нозе. Да фрлиш камен кон него, тој ќе го запре. Имам одличен однос со него и на терен и надвор од терен. Сум играл со Кристијано, Нејмар, Мбапе, Руни, Ван Перси, Ибрахимовиќ, Бензема, Бејл, но не сум видел нешто исто како Меси. Посебен е“ – вели Ди Марија кој верува дека и Кристијано Роналдо има желба да заигра во овој ѕвезден тим на ПСЖ и сигурно му е криво што не е дел од нив, барем засега.
Ди Марија кажа која е главната цел на ПСЖ.
„Имаме обврска да ја освоиме Лигата на шампиони. Со доаѓањето на Меси, мора тоа да го направиме по секоја цена. Нема да биде лесно, но имаме стручен штаб кој може да направи вистински тим во кој секој знае што треба да прави. Лани кога испаднавме од ЛШ, навивачите ни ги искршија автомобилите. Под таков притисок сме“ – објаснува Ди Марија.