Управата на Рома сака да му понуди нов договор на Пауло Дибала, според кој аргентинскиот репрезентативец ќе заработува шест милиони евра по сезона, пренесуваат италијанските медиуми.
Дибала (29) во летниот преоден рок пристигна во Рома без обесштетување откако му истече договорот со Јувентус.
Тој потпиша договор со Римската волчица до 30 јуни 2025 година со плата од 4,2 милиони евра по сезона, но му беше доволна само една полусезона за да ги натера челниците на тимот да подготват нов, подобар договор.
Аргентинецот сезонава одигра 16 натпревари и постигна 10 гола иако пропушти неколку натпревари поради повреда.
Според „Калчомеркато“, агентот на Дибала и претставниците на Рома во следните неколку недели ќе седнат на маса за да ги договорат условите од новиот договор.
Пред Јувентус, Дибала играше за Палермо и Институто, а минатиот месец го оствари најголемиот успех во кариерата, со репрезентацијата на Аргентина стана светски шампион откако во финалето ја победи Франција по подобро изведување на пенали.