Македонскиот ракометен првак Вардар ја мора да го победи актуелниот европски првак Монпелје ако сака да остане со надеж дека може да заврши на второто место во групната фаза од Лигата на шампиони. Дуелот се игра в сабота, во „Јане Сандански“, сала во која Вардар секогаш ја има улогата на фаворит, без разлика кој е ривалот. Ова е меч од последното коло во групната фаза, а потоа следуваат нокаут-мечевите во осминафиналето.
Монпелје беше тимот кој го изненади Вардар во полуфиналето од фајнл фор завршницата од минатата сезона, кога Французите победија со 28:27. Овие два тима играа и во првото коло од годинашната групна фаза од ЛШ, а Вардар славеше на гости со 27:24, покажувајќи дека има сила за успех и оваа сезона.
Сега Вардарци играат пред своите навивачи и очекуваат нов триумф, но никако не смее да се потцени противникот, кој уште ја има титулата европски првак. Освен победа на свој терен, Вардар треба да чека и пораз на Веспрем на гости кај Кјелце, па второто место ќе биде обезбедено.
„Играме на наш терен, а Вардар тука секогаш оди на победа. Наша цел е да ги освоиме двата бода и со победа на ја завршиме групната фаза. Второто место во групата е подобро само од еден аспект. Носи предност реваншот во четврт-финалето да го играте на домашен терен. Монпелје е тим кој лани покажа дека не смее ниту еден противник да се потцени“, рече Дибиров на денешната прес-конференција.
И тренерот на Вардар, Роберто Парондо, сака крај на групната фаза со победа.
„Ова е важен дуел за нас и се надевам дека ќе победиме. Имаме план А, план Б, план Ц, па дури и план Д за дуелот со Монпелје. Играме дома, пред нашата публика и очекувам триумф“, рече Парондо.