Дибиров: Никој не смее да нѐ потцени

Македонскиот ракометен првак Вардар во сабота го очекува тежок дуел против Рајн Некар Левен во Лигата на шампиони.

Вардарци одлично ја започнаа сезоната во елитното натпреварување. Забележаа три победи во низа, а за два дена ќе целат кон нов триумф и продолжување на серијата.

„Рајн Некар е добро познат тим за нас, поседува квалитетни ракометари, знаеме дека предизвикот ќе биде тежок. Но, ние не го менуваме пристапот, со максимално вложување на силите ќе играме за повторно да издвоиме победа, а, секако, мотивација плус ќе ни биде и публиката. Вардар е еден од најдобрите тимови во ЛШ, две години по ред игравме финале, на едно од нив и победивме. Затоа, никој не смее да нѐ потцени. Во Лигата на шампионите никого нѐ смеете да потценувате“, истакна Дибиров.

Тренерот Роберто Парондо е свесен за саботниот предизвик, смета дека посебно треба да се внимава во одбраната кога се игра против екипа како што е Рајн Некар Левен.

„Рајн Некар е исклучително квалитетен тим. Знаат да се снајдат во повеќе ситуации, константно го менуваат стилот на игра во текот на еден меч, што значи дека мора да бидеме максимално сконцентрирани во сите 60 минути, особено во одбраната“, додаде Парондо.

Натпреварот е закажан за во сабота, со почеток од 17.30 часот во СЦ „Јане Сандански“.

 

- Оглас -

Најнови вести