По завршувањето на групната фаза во ракометната Лига на шампиони, од денеска започнуваат возбудувањата во осминафиналните дуели. Денеска се играат два меча, а посебно интересно ќе биде во Загреб, каде што хрватскиот првак е домаќин на Монпелје.
Во последните пет меча на овие два тима, Монпелје секогаш победувал. Сепак, хрватскиот шампион верува дека пред своите навивачи може да стигне до триумф. Еден од главните адути на Загреб е Тимур Дибиров. Искусниот руски ракометар веќе наполни 40 години, но на теренот уште блеска.
Со 53 гола, Дибиров сезонава е најдобар стрелец на Загреб во Лигата на шампионите. Русинот, кој има и македонски пасош, вели дека е пресреќен што го одбрал Загреб за негова дестинација откако претходно цела деценија играше за Вардар.
„Тука се чувствувам како риба во вода. Воопшто не погрешив кога си заминав од Македонија, што дојдов во Загреб. Промените беа многу мали. Ист или сличен е менталниот склоп на луѓето со кои сум опкружен. Од првиот ден кога дојдов во Загреб, бев прифатен како домашен. Мило ми е што не прифатив некои од понудите од Шпанија или Франција. Којзнае како би се прилагодил, ќе требаше да учам јазик, да се трошам на нешто што не е поврзано со ракометот. Тука не морав да ја поминувам јазичната бариера и целосно сум посветен на ракометот. Само ја земам топката и играм“, вели Дибиров во изјава за „Спортске новости“.