Селекторот на Франција, Дидие Дешан, сериозно се вклучува во трката за нов тренер на Реал Мадрид, открива „РМЦ Спорт“.
Според француските медиуми, интересот за Дешан не е изолиран случај, повеќе европски клубови го следат неговиот статус, но Kралскиот клуб веќе го позиционирал меѓу главните кандидати за клупата.
Во Реал Мадрид ситуацијата е далеку од идеална по заминувањето на Карло Анчелоти минатиот јуни. Тимот никако да пронајде континуитет, a Алваро Арбелоа, кој ја презеде функцијата во јануари, се соочува со ризик сезоната да ја заврши без значаен трофеј, додека пред него Чаби Алонсо кратко се задржа и беше разрешен по само седум месеци.
Во ваков амбиент, раководството активно бара стабилно и докажано решение, a Дешан се издвојува токму поради своето искуство, авторитет и победнички менталитет. Неговото педигре зборува само за себе, успеси со Монако, Јувентус и Марсеј, како и светска титула со Франција во 2018 и финале во 2022 година.
Дополнителен адут е неговата блиска релација со дел од француските ѕвезди во Мадрид, пред сè со Килијан Мбапе, кој има сè поголемо влијание во клубот. Токму неговото незадоволство во периодот со Чаби Алонсо се споменува како фактор во соблекувалната, додека со Дешан има докажано одлична соработка на репрезентативно ниво.
Разврската би можела да дојде побрзо од очекуваното и евентуална елиминација од Лигата на шампионите би го забрзала процесот на промени на „Сантијаго Бернабеу“.
Сепак, Дешан засега останува воздржан. Иако има важечки договор со Фудбалската федерација на Франција, конечната одлука за својата иднина планира да ја донесе по Светското првенство 2026. Во меѓувреме, интересот не доаѓа само од Европа, туку сериозна понуда има и од Саудиска Арабија.
Јасно е дека неговото заминување од клупата на Франција по Мундијалот ќе означи крај на една ера, а како најлогичен наследник веќе се наметнува Зинедин Зидан.

