Атлетико Мадрид во наредниот период нема да смета на напаѓачот Диего Коста бидејќи ќе оди во Бразил на операција. На Бразилецот со шпански пасош веќе му е преку глава да игра со болки и реши да замине на хируршки зафат, а намерата му е да се врати на фудбалскиот терен за осминафиналето од Лигата на шампионите.
Коста синоќа играше 90 минути против Жирона, а тренерот Диего Симеоне го пофали изјавувајќи дека со оглед на околностите, ја оставил душата на теренот. Диего за малку ќе беше исклучен, заборави на проблемите, даде максимум и Симеоне не сакаше да го загуби, па одлуката да замине на операција е тешка.
„Јорганџиите“ ќе мора некако да се снајдат и да се надеваат дека за клучниот дел од сезоната навистина ќе го имаат Диего целосно подготвен и опасен за противничките голови.