Атлетико Мадрид вечерва на гостувањето во Холандија кај Феенорд игра меч кој може да го одведе во нокаут-фазата од Лигата на шампионите. На шпанскиот тим му е потребна победа на гостински терен за сигурно да биде меѓу првите две екипи на крајот од групната фаза.
Јорганџиите дома се намачија и едвај го победија Феенорд со 3:2, но тимот предводен од Диего Симеоне секогаш е оптимист дека може да триумфира на кој било терен. Токму тренерот на Атлетико, популарниот Чоло, вечерва ќе прослави еден убав јубилеј.
Аргентинскиот стратег по јубилеен 100-ти пат ќе го предводи Атлетико во меч од Лигата на шампиони. Ретки се стратезите кои успеале да стигнат до бројката од 100 натпревари во елитната лига на УЕФА, па уште тоа да го направат со еден клуб.
„Што да кажам? Горд сум што 100 меча во Лигата на шампионите сум како тренер на клупата на Атлетико Мадрид. Најважно е да одиграме добар меч. Мора да ги најдеме слабостите на противникот за да би одиграле така што за нас да ни биде полесно на теренот и да стигнеме до посакуваната цел“, рече Симеоне.
Искусниот стратег дојде на чело на Атлетико Мадрид речиси пред 12 години, на 23 декември 2011 година. Од тој ден до денеска го предводеше клубот на 644 средби во сите натпреварувања. Предтходно беше тренер во Расинг клуб, Естудијантес, Ривер плејт, Сан Лоренцо и Катанија.