Ненад Димитријевиќ одигра одличен меч за Хувентуд против Валенсија, постигна 13 поени за 17 минути, а имаше и 6 асистенции и три скока.
Тоа е една од неговите најдобри игри во шпанското првенство, а на крајот со соиграчите се радуваше на победа од 83:74.
Поранешниот европски првак имаше предност од 15 поени по првиот дел, а Димитријевиќ за нешто помалку од 10 минути што ги одигра во првото полувреме забележа 7 поени и имаше неколку одлични асистенции.
Во продолжението гостите се приближија на само шест поени, но повторно на сцена стапи македонскиот кошаркар и со поени не дозволи пресврт. Хувентуд ја забележа деветтата победа во 15 натпревар во најсилната шпанска лига.
Со скор 9-6 клубот од Бадалона е на седмата позиција и има реални шанси да игра во плејофот за титулата, што ќе го почнат најдобрите 8 екипи во шпанското првенство.