Одбраната се покажа како стабилна во првите два меча на Македонија во Лигата на нациите. „Црвено-жолтите“ повеќе од 180 минути се без примен гол. Победени се Гибралтар и Ерменија со идентични 2-0. Голманот во националниот тим, Столе Димитриевски, летово направи трансфер и сега е во тимот на Рајо Вајекано, но не добива шанса да се наметне како прв чувар на мрежата. И покрај тоа што не е во некој посебен натпреварувачки ритам, Димитриевски вели дека е подготвен да ја исполни задачата и на следните два меча од Лигата на нациите. Најпрво против Лихтенштајн, а потоа и во дуелот со Ерменнија на гости.
„Се подготвуваме за дуелот со Лихтенштајн. Важно е тој меч да го одработиме како што сакаме и како што се подготвувавме. Иако сега некое време не бранам, се надевам дека ќе продолжи серијата без да примиме гол во репрезентацијата“, вели Димитриевски, кој го очекува 21-виот настап во сениорскиот национален дрес.
Цената на влезниците за дуелот на 13-ти октомври против Лихтенштајн ќе изнесува 100 денари за јужната трибина и 150 денари за северната трибина од Националната арена „Филип Втори“.