Столе Димитриевски е во топ-форма пред трите септемвриски дуели што го чекаат во националниот дрес на Македонија, против Ерменија, Исланд и Романија.
Вечерва нашиот репрезентативец не прими гол и се радуваше на првата победа сезонава во Ла Лига на својот тим Рајо Валјекано. Клубот од Мадрид славеше со 4:0, а ова е еден вид и слатка одмазда на Димитриевски.
Беше член на Гранада од 2014 до 2016 година и доби шанса да брани само на еден меч, а потоа се пресели во Химнастик. Потоа дојде во Рајо Валјекано пред две сезони, прво како позајмен голман, а потоа и со повеќегодишен договор со клубот од Мадрид.
Во минатото коло беше избран за МВП на мечот во Сан Себастијан против Реал Сосиедад, иако Рајо Валјекано загуби со 1:0.
Димитриевски утре треба да се приклучи на собирот на макединската репрезентација пред квалификациските мечеви против Ерменија во Скопје на 2 септември, со Исланд на петти септември во Рејкајвик и три дена подоцна против Романија, повторно во Скопје.