Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски во интервју за шпанскиот „Ла Разон“ го раскажа своето непријатно искуство кое го имал во воениот конфликт во 2001 година.
Тогаш кумановецот имал само 7,5 години, а денеска е 29-годишен и брани за Рајо Ваљекано, клуб кој вечерва ја пречекува Барселона.
„Војната? Се сеќавам дека двајца чичковци дојдоа во нашата куќа и го зедоа татко ми. Бев во дневната соба, беше ноќ и беше многу комплицирано. Дојдоа со некаков лист хартија кој беше задолжителна наредба и го одведоа да ја брани татковината. Тоа беше голем шок за цело семејство и ние потоа отидовме во куќата на мојата баба, зашто таму беше посигурно. Македонија многу патеше, но денес има простор за напредок и раст. Тој период траеше скоро една година и татко ми го видов неколкупати. Бев мал, но гледав тенкови и тоа беше шок за мене. Беше тешко зашто знаеш дека нешто не е во ред. Но, татко ми имаше среќа зашто не беше во најопасните подрачја“, раскажува Столе.
По тоа непријатно искуство кога се „исчеличил“, во спортот му било многу полесно.
„Во спортот немав толку тешки периоди. Мојата цел не беше да живеам од фудбалот, туку на семејството да му овозможам подобар живот. На 17 години потпишав за Удинезе, потоа заминав на позајмица во Гранада и Кадис, го учев јазикот и секaде се прилагодував и напредував многу брзо. Не наидов на големи тешкотии“, додава Димитриевски.
Столе го спомнуваа како можно засилување на голманската позиција во Барса, но тоа е минато.
„Среќен сум во Рајо. Тоа е мој клуб, тука добив шанса да бранам во првата шпанска лига. Имаше некои шпекулации дека ме бара Барса, убаво е да се слушне тоа, јас сум фокусиран на Рајо. Се надевам дека вечерва ќе победиме“, заклучува македонскиот број 1.