Ветеранот Алберто Гарсија изненадувачки доби шанса пред две кола да брани за Рајо Валјекано, а тренерот Пако Хемес, според најавите на клупската интернет-страница, има верба во 34-годишниот голман и тој ќе биде на голот на клубот од Мадрид до крајот на сезоната.
Тоа значи дека македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски ќе биде резерва во последните шест кола во Ла Лига.
Димитриевски почна од клупата по пристигнувањето во Рајо Валјекано во август лани, но од ноември доби шанса да биде прв голман и максимално ја искористи. Без никаква најава, ниту логично објаснување, бидејќи бранеше одлично, тренерот Хемес направи рокада пред две кола и му даде шанса на Гарсија.
Во меѓувреме, уште поизненадувачки, тој беше избран за капитен од соиграчите, брани одлично и успеа да „фати“ два пенали. Му го одбрани ударот од белата точка на Дани Парехо во минатото коло, а потоа Рајо Валјекано со два гола победи со 2-0.
И вчера Гарсија бранеше солидно, и покрај поразот во Билбао од Атлетик со 2-3 и повторно одбрани пенал. Успеа да го прочита ударот на Раул Гарсија во првото полувреме и како што се најавува, ќе биде прв голман на Рајо Валјекано до крајот на сезоната во Ла Лига.