Столе Димитриевски: Ќе го победиме Атлетико со 1-0

Столе Димитриевски прогнозира дека утрешниот меч на „Валјекас“ помеѓу мадридските Рајо Валјекано и Атлетико ќе заврши со минимален триумф на неговиот тим од 1-0. Македонскиот 25-годишен репрезентативец откако сезонава  ја почна како резерва, сега веќе е стандарден во Рајо, на 12 меча беше во првиот тим и веќе е прва опција и омилен кај фановите. Тој добро го говори шпанскиот јазик, со којшто првпат се сретнал гледајќи со мајка му јужноамерикански серии на телевизија.

И Рајо и Атлетико имаат по два порази по ред во Ла Лига, а „јорганџиите“ мора да мислат и на дуелот со Јувентус во Лигата на шампионите кој им престои за неколку дена по соочувањето со Рајо.

„Атлетико е многу опасен противник, кој одлично се брани, а во напад често кога ќе дојде во шанса, ја претвора во гол, има ефикасни напаѓачи. Сум играл против Мората и Диего Коста на мечот помеѓу Македонија и Шпанија. Знам како играат, од секоја позиција може да дадат гол“, анализира Димитриевски.

На голот на Атлетико е Јан Облак, кој е еден од најдобрите чувари на мрежа на светот.

„Има неколку голмани од поранешна Југославија во шпанското првенство, а кога дојдов, беше само еден. Ми се допаѓа што сме присутни. Облак е феноменален, смирен, знае како да се постави и што треба да прави во секоја ситуација. Многу придонесува за Атлетико“, вели Столе.

Македонецот верува дека во Шпанија секој може да победи секого и ако Рајо ја игра својата игра, може утре да слави против Атлетико.

„Би сакал победа без примен гол. Нека биде 1-0 за нас“, одговори Димитриевски на прашањето кој резултат веднаш би го потпишал.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести