Столе Димитриевски, првиот голман на фудбалската репрезентација на Македонија, вели дека секогаш се чувстува лошо кого ќе прими доста голови како што беше во Манчестер од утрешниот противник.
Во јуни годинава, Македонија на „Олд трафорд“ го доживеа највисокиот пораз во историјата од Англија (7:0), со која Црвено-жолтите утревечер на Националната Арена „Тодор Проески“, ќе ги завршат квалификациите за пласман на ЕП 2024.
„Искрено, лошо се чувствувам кога ќе примам толку многу голови, но ние сме селекција која има многу нови играчи. Свесен сум дека тоа е процес, но цел тим мора да работиме многу подобро во одбраната, да бидеме пофокусирани, затоа што ако имаме добра одбрана, полесно ќе ни биде да нападнеме каде во офанзивата имаме одлични играчи. По овие квалификации следуваат уште четири пријателски мечеви во кои треба да се подготвиме и потоа да целиме за освојување на првото место во групата од Лигата на нации“, вели Димитриевски.